Велимир Смилевски

Општина Бутел

Желбата за развоен и урбан Бутел, како и мојот досегашен безрезервен ангажман на функцијата градоначалник на Општина Бутел, е мојата инспирација за повторна кандидатура за градоначалник. Бутел е општина и на Македонците и на Албанците, Турците, Бошњаците, Власите, Србите и Ромите и во таа наскока ќе продолжам, како и досега, да ја негувам мултиетничноста во Општината. 

Бутел ќе се гради и ќе се развива заедно со граѓаните, ќе ги следи нивните потреби и плански ќе пристапува кон решавање на проблемите. И понатаму ќе работиме одговорно за да обезбедиме еднаквост за сите жители, без разлика на пол, вера и националност. Бутел се гради со инфраструктура и градби адаптирани на потребите на жителите и со квалитетни услуги за сите, со што Бутел ќе се вброи во пријатна и урбана населба со економски просперитет. Додека претходниците правеа разлики и раскол меѓу граѓаните, јас секојдневно, со мојот тим, работев посветено, транспарентно на кохезија и на проекти што значат подобар живот за сите. Зад мене оставам проекти што само докажуваат дека имав успешен мандат, исполнет со голем број активности, пред сè, за потребите и интересите на граѓаните на Општина Бутел. 

Работевме да се најдат решенија што ќе се однесуваат на денешните проблеми, но кои треба да донесат некакво предвидување на следните децении. Краткорочните решенија не се решенија што ни се потребни. Работевме на тоа сегашноста да биде подобра, а планиравме иднината да биде уште подобра. Општината ја водев домаќински, тоа значи дека доверените пари на моите сограѓани ги трошев домаќински. На овој план сметам дека ги оправдав очекувањата на моите сограѓани. 

Во периодот зад нас се реализирани многубројни капитални инвестиции што го изменија ликот на Општината. Во изминативе четири години Општина Бутел покажа исклучително висок економски раст, како никогаш досега. Голем број успешни и познати компании инвестираа во објекти и во комплекси во нашата Општина. Новите инвестиции се должат на подобрување на бизнис-климата преку решавање на инфраструктурните проблеми, како и на двостраната комуникација со бизнис-заедницата во индустриските зони во Општината. Амбициозно и посветено ги реализиравме ветените проекти во сите области, а посложените веќе се во постапка на започнување

Пет клучни проекти за иднината на Бутел

Планирано е започнување на капитален проект, инвестиција што е од голема важност за сите граѓани на Општина Бутел. Имено, се предвидува целосно затворање на улицата пред општинската зграда и нејзино пренасочување и поврзување со другите споредни улици, уривање на паркингот пред зградата и изградба на современ плоштад.

Плоштадот ќе содржи неколку реони, поврзани со патеки поплочени со бекатон, со целосно осветлување.

Во реоните ќе има летниковец, клупи, посебно детско катче, дрвореди, два јавни тоалета,  фонтани за пиење вода, но и украсна фонтана поврзана со дрвен мост.

ИЗГРАДБА НА ПОПЛОЧЕН ПЛОШТАД СО ДРВОРЕД И КЛУПИ ЗА СЕДЕЊЕ

ИЗГРАДБА НА КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ВО РАДИШАНИ

По 15 години Општина Бутел ќе го добие својот прв културен центар. Со отворање на културниот дом бутелчани ќе добијат реална општествена и културна инклузија, а ќе им се овозможи на жителите да имаат пристап до културни содржини и манифестации. Предвидено е сите досегашни манифестации што ги правеше Општината, како што се изложби, фолклор, базари, колонии и други, да бидат пренасочени во новите простории на културниот дом што ќе биде лоциран во старото училиште во населбата Радишани. 

Во однос на културата, СДСМ во Бутел, како мултиетничка општина, секогаш работи на отстранување на сите етнички разлики меѓу луѓето. Ќе се стави акцент на промовирањето, како на македонските, така и на албанските обичаи. Се планира да се зголеми одржувањето на културни манифестации, промовирањето на народни носии, како и организирање карневали и ликовни колонии каде што ќе може да се промовираат сите уметнички способности што се национално богатство за целата држава.

Со изградбата на катни гаражи на овие локации ќе се придонесе во надминувањето на проблемот со наоѓање слободен простор за паркирање во густо населените урбани места. Ова се населени места каде што има многу голема концентрација на стопански објекти, станбени згради, пазари и само по себе тоа говори за нужната потреба од катни гаражи, особено ако се има предвид дека токму поради новите содржини на овие локации ќе се  зголеми фреквенцијата на луѓе. 

Со изградбата на овие гаражи ќе го зголемиме капацитетот на паркиралиштата. На двете нивоа ќе има вкупно 60 паркинг-места, вклучително и паркинг-места за инвалиди. Ова е една од посериозните капитални инвестиции во Општината. Имаме намера да реализираме уште вакви проекти во населените места, со цел да го намалиме сообраќајниот метеж што, всушност, е еден од главните проблеми во Радишани, Бутел 1 и Скопје Север.

ИЗГРАДБА НА МОНТАЖНИ КАТНИ ГАРАЖИ

ИЗГРАДБА НА МУЛТИ-ФУНКЦИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА ЗАБАВА

На местото на старата детска градинка во Бутел предвидена е изградба на мултифункционален центар наменет сите жители на Општина Бутел. Предвидено е комплексот да ги промовира културно-забавните и научните вредности во Општината. Првиот мултифункционален и мултикултурен центар за забава во Општина Бутел ќе придонесе младите од Општината на најквалитетен и ефикасен начин да го минуваат слободното време, избирајќи активности во кои ќе го дадат најдоброто од себе. Во центарот за забава се планирани повеќе содржини за повеќе целни групи граѓани. 

Во центарот ќе има кугларница, театар за деца и младинци, палнетариум, детско катче, едукативни работилници на разни теми, ликовни работилници, промоции на книги од млади автори, кафетерија и широк спектар на други активности. Предвидено е просторот и објектот да функционираат како отворена платформа за уметнички организации, асоцијации, неформални групи и поединци што ќе можат да ги користат неговите ресурси, пред сѐ, за да ги развиваат своите идеи од областа на културата.

Високиот дел во индустриската зона не е опфатен со постојниот резервоар за вода и поради тоа во наредниот период Општина Бутел ќе изгради нов резервоар што ќе обезбеди вода наменета за високата зона. Во согласност со УПВНМ за индустриската зона во Визбегово ,со разработка на блок 12 катастарска општина – Визбегово, од 2016 година, поточно 14.12.216 година, за делот што не е опфатен со постојниот резервоар во индустриската зона предвиден е нов резервоар на северната страна од планскиот опфат на зоната на местото Коњски Рид, каде што со ГУП на Град Скопје е предвидена пренамена со основа на класа за намена Д4. Со ова ќе обезбедиме вода за високата зона во индустриската зона што е од исклучителна важност за тамошните стопанственици и вработени. Се предвидува резервоарот да биде изграден на кота 355 мнв и да има капацитет од 1.000 кубни метри.

ИЗГРАДБА НА НОВ РЕЗЕРВОАР ЗА ВОДА ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ВИЗБЕГОВО

Листа на советници за Општина Бутел

  1. Оливера Ливриниќ 
  2. Мартин Бошковиќ 
  3. Чедо Николовски 
  4. Селвете Муртези 
  5. Миодраг Коларич 
  6. Владимир Гиновски 
  7. Шабан Бајрам 
  8. Александра Николовска 
  9. Мендух Дурмишовски 
  10. Алма Џуџевиќ 
  11. Теодора Нолевска 
  12. Александар Јовановски
  13. Мартина Миленковска 
  14. Мартина Трајковска 
  15. Бранко Боневски 
  16. Фатима Саид 
  17. Ајхан Рамадан 
  18. Марио Кржаловски 
  19. Павлина Стојановска