Д-р Ненад Коциќ

Општина Велес

Ви се обраќам со длабока почит, одговорност и обврска кон сите вас за да ви ја претставам мојата кандидатура за градоначалник на Општина Велес. Сакам да ја градиме и да ја развиваме нашата општина и потоа со гордост да им ја оставиме на идните генерации како достоинствена и просперитетна општина. Велес, со сета своја убавина, местоположба, историја, традиција и култура, уште од најрана младост ги поттикна во мене чувствата за заедништво и припадност, но и чувството на одговорност за зачувување и негување на неговата историја, традиција, култура и вредности, кои ги оставиле нашите предци како нивен аманет, за да ги унапредиме, изградиме и издигнеме на високо ниво за да гледаат кон нас со почит и нашите поколенија.  

Заедно ќе работиме за да ги изградиме вредностите на трудот кај нашите деца уште од нивната најрана возраст, гледајќи ги придобивките на таа работа и посветеност. Со градењето на овие вредности ќе ги подготвиме нашите деца да можат да се носат рамо до рамо со нивните врсници од цела Европа и да бидат вистинска конкуренција во секоја смисла, во нашата Општина да го основаат своето семејство и да придонесуваат за нејзиниот просперитет. 

Со активното учество во проекти од областа на екологијата, потоа од областа на заштитата на здравјето на младите, деконтаминацијата на почвата во Велес, развојот на органско земјоделство и заштитата од ГМО во Македонија, како и со многу други активности сум докажал дека искрено се грижам за доброто на мојот град и на моите сограѓани. 

Преку проектите што планираме да ги реализираме – „Велес – град без отпад“, „Безбедни улици“, „Велес – енергетски ефикасна општина“, „Велес – град на спортот“, како и многу други, верувам дека ќе успееме да ја реализираме нашата заедничка визија, а тоа е Велес да биде почиста, поздрава животна средина, атрактивна локација за живеење, работа и за водење сопствен бизнис, интересна за туристички посети.

Пет клучни проекти за иднината на Велес

За овој проект предвидено е да има реконструкција на салата (замена на подната површина и проширување на теренот, санација на водоводната и на електричната инсталација, поставување систем за ладење и затоплување) во соработка со АМС. Со реконструкцијата на спортската сала „Гемиџии“, уредувањето на Градскиот парк и формирањето спортско-рекреативен забавен комплекс ќе се промовираат здравиот начин на живот и грижата за сопственото здравје кај сите граѓани. 

Реконструкција на спортската сала “Гемиџии”

Велес – град без отпад

Преку овој проект ќе обезбедиме целосно чист град, чистење на јавните површини и отворени простори во градот. За да создадеме целосно чист град предвидуваме преземање на неколку конкретни работи: организирање комунална служба во сите делови на градот, поставување нови подземни контејнери, обновување на веќе постојните канти за ѓубре низ градот, поставување нови канти, обезбедување канти за секое домаќинство, поставување контејнери за селектирање на отпадот, поставување пластикомати на повеќе локации во градот, реорганизација на ЈКП „Дервен“ во насока на зголемување на неговата ефикасност и подигнување на свеста кај населението за потребата од чист град.

Развојот на селата ќе овозможи општ развој на целокупната економија во градот Велес. Ќе преземеме конкретни чекори за подобрување на патната инфраструктура за да се обезбеди поврзување на селата со градот, осветлување, детски катчиња, детски градинки во поголемите села,  подобрување на пристапот до образование на децата од руралните средини, обезбедување здравствена заштита, зголемување на вложувањата во руралните подрачја, одржување локални традиционални, културни, верски фестивали. Предвидените локални политики ќе се реализираат на најсоодветен начин во согласност со потребите на жителите од велешките села.

Развој на Велешкото село

Фотонапонски панели во сите оснвни и средни училишта и замена на котлите за затоплување со нови

Имајќи го предвид значењето на енергетската ефикасност во денешниот современ свет, поставувањето фотонапонски панели во сите основни и средни училишта во градот и замена на старите котли за затоплување со нови во сите училишта ќе биде наш приоритет. На овој начин ќе се овозможи заштеда на енергија, но во исто време и заштита на животната средина. Сметаме дека нашите деца и нашите просветни работници го заслужуваат најдоброто и затоа ќе им овозможиме најквалитетни услови за учење и работа.

Местоположбата на градот Велес, неговата поврзаност со другите градови во државата, патната инфраструктура, административната организираност, како и квалитетниот образовен кадар се доволна основа за привлекување инвестициите во градот, со цел да се зголеми конкурентноста во стопанството.

Во насока на локалниот економски развој и обезбедувањето нови и подобро платени работни места за поголем број граѓани на Велес, планираме да привлечеме најмалку една домашна или странска инвестиција, со што ќе се овозможи отворање на производствена фабрика во некоја од индустриските зони во Општината. Ова може да се постигне преку активна соработка со бизнис-заедницата во градот и во државата, темелно информирање за потребите на бизнис-секторот во државата, но и информирање за најновите трендови во светот преку посета на саеми надвор од државата.

Се очекува со планираната странска или домашна инвестиција дополнително да се раздвижи и економската активност во индустриските зони во градот Велес. За граѓаните на Велес оваа инвестиција ќе има повеќекратно значење: материјални ресурси во вид  капитал и нова технологија, нематеријални ресурси (менаџерски знаења, менаџерски вештини).

Обезбедување на најмалку една странска или домашна инвестиција во некоја од индустриските зони во општината

Листа на советници за Општина Велес

  1. Марјанчо Николов
  2. Катерина Ефремова
  3. Тодор Јаковлевски
  4. Милица Ристовска Темелковска
  5. Кирил Гајдов
  6. Ружица Петрушевска-Николовска
  7. Менсур Бачевац
  8. Пандорка Лазаровска Прличкова
  9. Трајче Миланов
  10. Ердал Тефиков
  11. Илчо Стојановски
  12. Селма Абдуловска
  13. Марко Илиев
  14. Максут Бакиовски
  15. Марија Џунова
  16. Маре Амбаркова
  17. Жарко Тодоров
  18. Анета Андова
  19. Благојче Натов
  20. Христина Трајкова
  21. Емил Петрушев 
  22. Ана Горгиева Пантовски
  23. Драган Стојанов