Ацо Велковски

Општина Лозово

Лозово е општина во која израснав и во која ги поминав најубавите денови од детството и младоста. Општина во која моите визии и идеали ги спроведуваме  за подобро, квалитетно и урбано живеење на моите сограѓани, каде со гордост може секој од нас да каже дека живее во Општина Лозово.                                                                     

Лозово е мојот роден крај. Отсекогаш ми беше цел да ја видам нашата општина со насмеани лица, радосни со главите кренати нагоре, инвестиции и нови вработувања, да нема сиромаштија, минимум услови за нормален и достоен живот. Затоа мислам дека Општина Лозово треба да продолжи по патот кој беше трасиран во изминативе четири години како ја управуваме локалната самоуправа, која има добро и стручно раководство кое умее да ги разбере вистинските проблеми на граѓаните и да биде спремно истите да ги решава.

Денес во Општина Лозово може да се видат многу асфалтирани улици, можат да се видат нови инвестиции, нови работни места,  новоотворени  фирми, реновирани училишта, средени улици, нови тротоари, нови зелени површини, нова детска градинка, нов мултифункционален културен центар, нова спортска сала, нова општинска зграда, нови паркови и зеленила, секое домаќинство приклучено во водоводна и канализациона мрежа, културно забавниот и спортскиот живот подигнати на највисоко ниво, социјалните и здравствените услуги подобрени, задоволни пензионери, задоволни деца, задоволни граѓани од сите возрасти.                                    Општина Лозово е посебно место богата со традиција, обдарена со природни благодети, со исклучително важна географска местоположба и со огромен потенцијал за раст и развој. Лозово по многу нешта претставува пример за другите општини во нашата држава. Лозово е наш заеднички дом и затоа кога, пред четири години, ми ја дадовте вашата доверба, ми дадовте најголема чест и одговорност.  Да се биде градоначалник на вакво место, да се биде ваш градоначалник, претставува особено задоволство и највисоко достигнување.

Целта на мојот мандат беше реализација на визијата за модерна и напредна Општина Лозово. Напорно работевме на постигнување на оваа визија затоа што нашата  општина тоа и го заслужува. Затоа што можеме и мораме подобро и повеќе. 

Притоа, изминатите четири години воопшто не беа лесни. Затекнавме задолжена општина, нецелосно екипирана администрација, која имаше недостиг на визија и стратегија за локален развој. Сепак, со многу напори и искрени заложби, успеавме да постигнеме напредок и остварување на стратешките приоритети на Општина Лозово и интерес кај граѓаните.

Пет клучни проекти за иднината на Лозово

Општина Лозово, за првпат, ќе добие нов затворен зелен пазар кој ќе ги исполнува сите стандарди за продажба на земјоделски производи. Согласно потребите на земјоделските производители од Општина Лозово, како и потребите на граѓаните за купување на свеж зеленчук и овошје тие повеќе нема да имаат потреба да одат во поблиските градски центри за да ја задоволат оваа потреба. Овој зелен пазар ќе овозможи полесна продажба на земјоделските производи во соодветни услови, а на купувачите ќе им обезбеди свежа храна која ќе се продава секој ден во неделата и ќе биде полесно достапна.

Изградба на нов затворен зелен пазар во Лозово

Асфалтирање на 31 улица во Општина Лозово

Со средства одобрени од Светска банка во износ од 583.000,00 евра на територијата на Општина Лозово ќе бидат асфалтирани 31 улица, како дел од проектот Лозово без кал. Преку овој проект ќе се асфалтираат 8 улици во с. Дорфулија , 8 улици во с. Каратманово, 12 улици во с. Милино, 1 улица во с. Сарамзалино , 1 улица во с. Аџиматово и 1 улица во с. Ќоселери. Со тоа во Општина Лозово, во сите населени места, улиците ќе бидат 100% асфалтирани. Рокот на реализација е до крајот на 2022 год.

Согледувајќи ги потребите за вода како и климатските карактеристики во Лозово, после повеќе од 30 години, ќе се изврши реконструкција на браната во с. Ѓузумелци која е од исклучителна важност за развојот на земјоделието и локалниот туризам, што ќе придонесе за развојот на Општина Лозово.. Водата од оваа брана ќе се користи за пиење и наводнување на земјоделските површини во летниот период во годината, со што ќе се зголеми приносот на земјоделците. Планирано е да се изгради викенд населба на брана Ѓузумелци,  што дополнително ќе придонесе за развој на локалниот туризам  и спортскиот риболов. Реализацијата на овој проект е до крајот на 2023 година.

Реконструкција на брана во с. Ѓузумелци со систем за наводнување

Изградба на пречистителна станица за пивка вода

Како дел од хидросистемот Злетовица, Општина Лозово ќе добие причестителна станица со ултра филтрација за пивка вода за пиење која ќе се изгради во с. Лозово и преку цевководи истата ќе се дистрибуира до с. Дорфулија, с. Каратманово и с. Милино. Со ова, овие населени места ќе имаат пивка вода за пиење, како и редовно водоснабдување и во летниот период за потребите на нашите граѓани. Реализацијата на овој проект е до крајот на 2022 година. 

Ревитализацијата на патниот правец с. Лозово-с. Милино, во должина од 5.5 км ќе овозможи полесно гравитирање на жителите од с. Милино кон с. Лозово и обратно, и ќе има безбеден и брз пристап во двете населени места. Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Лозово. Реализацијата на овој проект ќе биде до крајот на 2022 година.

Реконструкција на локален пат с. Лозово – с. Милино

Листа на советници за Општина Лозово

  1. Дејан Стоименовски  
  2. Александра Саздовска
  3. Дејан Боризов
  4. Радмила Саздова
  5. Зоран Тошев
  6. Ивана Бојкова
  7. Далибор Величковски
  8. Дијана Стојановска
  9. Благој Бојковски