Почитувани сограѓани, во идните четири години, ја продолжуваме успешната мисија која ја започнавме, Преспа да ја направиме убаво место за живеење за нас, но и за нашите идни генерации.
Преспа е аманет оставен од мојот татко, кој ги постави темелите на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на респираторни заболувања во Отешево, а како градоначалник, во голема мера придонесе за развојот и афирмацијата на нашата општина. Аманет за поубава Преспа ми се и моите четири деца, кои сакам да продолжат да живеат, работат и творат во родното место. Тука да ја гледаат својата иднина. Недопрената природа, туризмот и надалеку прочуеното преспанско јаболко да бидат основата за понатамошниот развој на нашата општина. Да креираме и создаваме, на секој можен план, и зад нас да оставиме дела со кои ќе се гордеат и нашите идни генерации.
Предизвикот во овие изминати четири години беше огромен, пречките беа огромни, но мотивот ЗА Подобар живот за сите во Преспа, беше над сѐ и пред сѐ! Заедно го продолжуваме патот што носи успех и кој заеднички го започнавме пред 4 години. Продолжуваме токму онака како што ветивме, транспарентно, чесно, со многу работа и многу труд. Капиталните проекти што ги оставам зад мене ќе сведочат за успешноста, транспарентноста и работата во интерес на сите жители на Општина Ресен. Преспа не треба да се дели на наша, ваша, нивна, Преспа е на сите и сите заедно ќе продолжиме да ја градиме, без разлика на верска, национална и политичка припадност.
Овие четири години докажавме дека со напорна и чесна работа обезбедивме подобар живот за сите. Сега предизвикот пред нас е уште појак, а мотивот за работа и за успеси се уште поголеми. На 17 октомври излегуваме и гласаме за најдоброто за нашата општина.
Со ваша поддршка, верувам дека ќе продолжиме таму каде што на кратко застануваме, да ја направиме Преспа пристојно место за живеење, да го реализираме и тоа што сега треба да се направи за подобрување на условите за живот во нашата преубава Преспа.
Продолжуваме да го решаваме едно од најгорливите прашања за жителите на Општина Ресен преку проектот за „Реконструкција и надградба на централниот водоводен систем во Општина Ресен“. Следни активности кои ќе се преземат, во врска со ова прашање, се поставување на современа мониторинг-опрема за намалување на загубите на вода, обезбедување дополнителни количини вода, реконструкција, осовременување и проширување на водоводната мрежа. Рок на реализација: 2021-2025
Не можеме да ја замислиме заштитата на Преспанското Езеро доколку не се изградат канализациски системи, и пречистителни станици во сите населени места на брегот на езерото. Овој комплексен проект „Изградба на канализации и пречистителни станици во населените места на брегот на Преспанското Езеро е од врвна и приоритетна важност за мојот следен мандат. Рок на реализација: 2021-2025
Грижата за учениците останува врвен приоритет и во вториот мандат. Со овај проект за „Реконструкција на ООУ ‘Мите Богоевски’ во Ресен“ решаваме еден долгогодишен проблем во најголемото основно училиште. На децата мора да им обезбедиме највисоки стандарди за следење на наставата.
Овој проект опфаќа целосна реконструкција, и нови санитарни јазли, во зградата на централното општинско основно училиште „Мите Богоевски“. Рок на реализација: 2021-2024
Со исто темпо и во наредниот мандат продолжуваме со активности околу реконструкција и модернизација на улиците во централното и поширокото градско подрачје преку проектот за „Реконструкција на улиците ‘Кочо Рацин’, ‘Илинденска’ и ‘Михајло Бочкаровски’“. Во наредниот период ќе се реконструираат и ќе добијат нова атмосферска канализација улиците „Кочо Рацин“, „Илинденска“ и „Михајло Бочкаровски“. Рок на реализација: 2021-2025
Тоа што го започнавме во претходниот мандат, продолжуваме да го реализираме и во иднина. Започнавме да ставаме крај на автомобилскиот хаос, со обезбедување на дополнителни паркинг-места и воведување на зонско паркирање во градот со проектот за „Изградба на катна гаража“. Рок на реализација: 2021-2025