Томе Христоски

Општина Крушево

За само 4 години успеавме да направиме многу. Заедно. Имплементиравме проекти што претходно беа само пуста желба, адресиравме проблеми што претходно беа туркани под тепих, се соочивме со недомаќинлак за да создадеме отворена и домаќинска општина за сите. Денес Општина Крушево е општина на сите. Работиме за и со сите граѓани, и така ќе продолжиме во наредните четири години. Искуството од 2017 година до денес е добра основа за наредните четири години. Сработеното за само 4 години создава оптимизам и ентузијазам во периодот што следува да реализираме уште повеќе.

Со чувство на голема одговорност и почит кон идните генерации, ви ја претставувам мојата кандидатура за градоначалник на Општина Крушево. Крушево е место што ме изградило како човек и место што сакам со гордост да го оставиме на идните генерации како достоинствен и просперитетен дом. Нашата општина е куќата во која сите заеднички сме израснале, куќата која камен по камен, кат по кат ја граделе нашите предци. Ве повикувам да продолжиме заедно и во наредните 4 години. Пред нас се години на проекти и активности што ќе бидат симбол на напредок, соживот и иднина за нашата општина. Историјата и вредностите ни ги оставиле постарите, но и аманетот, сега и денес, да ја унапредиме нашата општина, да ја издигнеме на секој можен план, за и нашите поколенија со почит да гледаат кон нас. Имаме добра основа од 4 години и имаме голема и неповторлива шанса во таа насока да продолжиме. Проектите што се дел од оваа програма се произлезени од вас, вашите секојдневни предизвици и комуникацијата која ја практикувавме 4 години. Реализација на наведените активности ќе придонесе за уште подобар живот во Општина Крушево, поголем развој на туризмот, земјоделието, почиста и поздрава животна средина, повеќе вработувања, повеќе можности за младите. 

Сите заедно за подобра општина!

Пет клучни проекти за иднината на Крушево

Во насока на одржлив економски развој на Општина Крушево, ќе се изработи планска документација за проширување на индустриската зона со повеќе нови парцели за да се овозможи диверзификација на производните капацитети. 

Во завршна фаза е имплементација на проект за зафаќање на води за дополнително водоснабдување на индустриска зона „Опаленик“ – Општина Крушево со вкупна вредност од 15.157.273, 46 денари. Со имплементацијата на овој проект индустриската зона ќе биде снабдена со вода од гравитациски извори. 

Ќе се интензивираат контактите со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија, како и со домашните компании со цел отворање на нови капацитети во индустриската зона Опаленик и креирање на нови работни места.

Доградба на инфраструктура и проширување на индустриска зона Опаленик

Гасификација на Крушево

Имплементацијата на овој проект ќе придонесе кон зголемување на конкурентноста на локалната економија преку овозможување пристап на сите корисници до најевтиниот енергенс, природниот гас, со истовремено подобрување на квалитетот на животот на локалната заедница и заштита на животната средина во Крушево. Изработена е техничка документација на гасификација на Крушево со т.н. виртуелен гасовод.

Во фаза на имплементација е проект за реконструкција на водоводна мрежа во заштитена целина, фаза 2, во вредност од 16.203.159,00 денари. 2957,39 метри застарена секундарна мрежа ќе биде реконструирана, вклучувајќи 157 куќни приклучоци. Имплементацијата на проектот ќе ги намали загубите на вода за пиење во градот, а со тоа ќе придонесе кон подобрување на водоснабдувањето во Крушево.

Водоводна мрежа во заштитена целина, фаза 2

Систем за далечинска контрола и анализа на потрошувачката на вода за пиење

Основна цел на проектот e намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем во Крушево и нивно сведување на прифатливи рамки. Според „International Water Association“ снабдувањето на населението со вода за пиење и намалување на загубите на вода за пиење се „различна страна на иста паричка“. Чистата вода за пиење во иднина ќе биде ограничен ресурс.

Општина Крушево,  свесна за големината на проблемот, пристапува проактивно кон фазно воспоставување на автоматизиран систем на следење на протокот, притисокот и потрошувачката на вода во системот, дефинирање на загубите на вода за пиење и инвестиции поврзани со нивно намалување, со цел навремена испорака на квалитетна вода за пиење до населението на град Крушево, туристи и посетители со намалени трошоци за водоснабдување, редуцирање на дефектите, планирање и развој на постојната водоводна мрежа, изградба и планирање на нова водоводна мрежа.

Општина Крушево има изработено техничка документација за обезбедување нови извори со гравитациони цевководи, како наједноставен и најевтин начин за подобрување на водоснабдувањето во Крушево.

Во летниот период, поради намалената издашност на постојните гравитациони извори и зголемената потрошувачка на вода од страна на граѓаните и туристите во Крушево, јавното претпријатие Комуна се соочува со недостаток на вода за пиење и е принудено да користи вода за пиење од РС Студенчица со пумпање на водата преку пумпна станица во с. Норово што резултира со големи трошоци на електрична енергија. 

Со имплементацијата на овој проект ќе се реши деценискиот проблем на градот Крушево со недостаток на вода за пиење од сопствени извори, а со тоа потребата за дополнување на водоснабдувањето на градот од РС Студенчица ќе се сведе на минимум.

Изградба на водоснабдителен систем за град Крушево

Листа на советници за Општина Крушево

  1. Андреј Николоски
  2. Александра Тирчоска
  3. Хибрахим Хурем
  4. Фросина Николска
  5. Абип Рушитоски
  6. Костандина Стојаноска
  7. Џевдет Ахмедоски
  8. Елена Хасаноска
  9. Спиро Божиноски
  10. Цветанче Стојческа
  11. Кочо Кардула