Николче Мискоски

Општина Кривогаштани

Со чувство на длабока почит и голема одговорност кон сегашните и идните генерации, ви ја претставувам мојата кандидатура за градоначалник на Општина Кривогаштани. Нашата општина е место што ми буди силни емоции на спомени од најраната младост, место што ме изградило како човек, и место што сакам со гордост да го оставиме на идните генерации како достоинствен и просперитетен дом. 

Нашата Општина Кривогаштани е куќата во која сите заеднички сме израснале, куќата што камен по камен, кат по кат ја граделе нашите предци. Историјата и вредностите ни ги оставиле постарите, но и аманетот сега и денес да ја унапредиме нашата општина, да ја издигнеме на секој можен план, за и нашите поколенија со почит да гледаат кон нас. Земјоделството, малите семејни бизниси и трговијата се особено значајни за нашата општина. Нашите земјоделски производи се надалеку познати со својот квалитет. Гордото чувство на припадност кон нашата Општина Кривогаштани да им го пренесеме и ние на нашите деца.

 

Јас ја гледам нашата Општина Кривогаштани како развиено и модернизирано урбано место, со млади семејства што решиле тука да пуштат корен, место пријатно за сите возрасти, економски просперитетно, мирно и безбедно, со високи стандарди за животната средина и хигиената. 

 

Нашата општина има полн потенцијал да ја исполни таа визија, и тоа зависи само од посветеноста на идната локална власт. Решени сме деноноќно да работиме за да ги гледаме жителите на Општина Кривогаштани како ги уживаат придобивките на таа работа и посветеност. Училиштата да бидат места на подготовка на нашите деца за 21 век, за да можат рамо до рамо да се носат со нивните врсници од цела Европа, и да не се иселуваат за да бидат евтина работна рака по европските престолнини, туку да бидат вистинска конкуренција во секоја смисла и на најдобрите од Европа и целиот свет. И овде, токму тука, во нашата општина да го основаат своето семејство и да придонесуваат за просперитетот и на општината и на државата.

Пет клучни проекти за иднината на Кривогаштани

Реконструкција на старата училишна зграда во Кривогаштани и нејзина пренамена во културно-едукативен центар. Со овој проект ќе се обезбеди соодветен објект, со соодветни простории каде што повторно ќе се возобнови библиотеката во Кривогаштани, ќе се обезбедат простории наменети за користење на месната заедница, културно-уметничките здруженија, едукативни простории со можност за организација на локални, регионални и централни семинари и разни настани.

Реконструкција на старата училишна зграда во Кривогаштани

Изградба на доводен цевковод од приклучна шахта на регионалниот водовод

Со реализација на овој проект, односно изградба на доводен цевковод од приклучната шахта на регионалниот водовод Студенчица кај с. Бело Поле до резервоарот во бунарско поле во с. Славеј, ќе се обезбеди постојан довод на вода во водоводот во општината како и поквалитетна вода за пиење. Секој човек има право на чиста и здрава вода за пиење, токму затоа е потребно да го обезбедиме тоа. Здравјето на граѓаните на Општина Кривогаштани мора да биде на прво место.

Со проектот за набавка на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија, драстично ќе ги намалиме трошоците за електрична енергија. Фотоволтаичните панели ќе бидат поставени на крововите од пречистителните станици, водоводите, училишните згради и општинската зграда. Со намалувањето на трошоците за електрична енергија, парите ги враќаме назад кон граѓаните.

Набавка на фотоволтаични панели

Изградба на спортска сала во с. Обршани

Изградба на спортска сала во с. Обршани, намената за повеќе спортови, и тоа: кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал и други спортски активности, со минимум една трибина. Со овој проект директно ќе се помогне во процесот на развојот на спортот во општината, со што ќе се овозможи непречено и постојано вршење спортски активности.

Создавање услови за изградба на фабрика за селекција, преработка и рециклирање на отпад, со која значително би се намалило загадувањето во Општина Кривогаштани. Покрај намалувањето на загадувањето, оваа фабрика ќе обезбеди 50 директни и околу 10 индиректни вработувања, а граѓаните освен чисто поле, ќе добијат и поздрави земјоделски плодови. Низ општината секое населено место го фрла отпадот по разни диви депонии, а со тоа се загадува полето и земјоделските производи. Со отворањето фабрика за селекција и преработка на отпадот Општина Кривогаштани трајно ќе го реши проблемот со депониите, со што ќе добиеме чиста и здрава животна средина.

Изградба на фабрика за преработка и рециклирање на отпад

Листа на советници за Општина Кривогаштани

  1. Горан Новакоски
  2. Елеонора Ујгуноска
  3. Бојан Ќушкоски
  4. Теодора Стомнароска
  5. Менде Станојоски
  6. Ленче Толеска
  7. Мартин Тренески
  8. Симона Ѓореска
  9. Александар Наумоски
  10. Татјана Здравкоска
  11. Веселин Шаркоски