Почитувани демирхисарци, да се биде градоначалник на една општина каде што секој со секого се познава, претставува чест но и голема одговорност.
Потекнувам од с. Слоештица, живеам во Демир Хисар, работам во Битола, во Државниот инспекторат за земјоделство, како инспектор за земјоделство во Пелагонискиот Регион.
Работата ми овозможува секојдневно да бидам во контакт со граѓаните, да го проширувам кругот на пријатели, соработници и познајници, но и да ги слушнам мислењата, потребите и барањата на жителите на Општината.
Подготвен сум да работам со луѓе, поддржувам и преферирам тимска работа. Добро ги познавам состојбите, приликите и спецификите на политичко дејствување во Општината и имам решенија за надминување на проблемите.
Создавање услови за развој и инвестирање во индустриската зона, утврдена со урбанистичкиот план, која се наоѓа веднаш под регионалниот пат Битола – Кичево, преку изработка на проектна документација и изградба на инфраструктурата која ќе овозможи квалитетен пристап до Општината.
Ќе се изработи Стратегија за развој на туризмот како еден од столбовите за економски развој на Општината. Општината поседува огромни потенцијали за развој на руралниот, културниот и, особено, на манастирскиот туризам.
Изработката на Генерален урбанистички план (ГУП) за градот Демир Хисар, а потоа и Детален урбанистички план (ДУП), како и урбанистички планови за сите населени места во Општината, претставува основа на целокупниот понатамошен развој на Општината.
Во фокусот на активностите на градоначалникот ќе бидат: подобрувањето на водоснабдувањето, канализациските системи со пречистителни станици, уредувањето на јавните паркови и зеленилото, одржувањето на уличното осветлувањето, уредувањето на тротоарите, изградбата и реконструкцијата на спортските објекти, чистењето на дивите депонии, уредувањето на постојната депонија.
Со цел да се подобри безбедноста на жителите од Општина Демир Хисар, како и да се подобрување на локалната патна мрежа меѓу населените места во Општината, приоритет ќе бидат изградбата и реконструкцијата на локалните улици и патишта.