Почитувани вевчанци, изборот за градоначалник е голема привилегија, но уште поголема одговорност и обврска кон идните генерации.
Од сѐ срце ви благодарам за укажаната чест и доверба повторно да ја предводам битката за нов, втор мандат. Мојот елан и мојата енергија да придонесам за подобро утре на Општина Вевчани, денес се посилни отколку на почетокот од мојот прв мандат.
Ние јавно се обврзуваме дека посветено, деноноќно ќе работиме и во новиот мандат, со полна енергија, гордост, со чесност, за да ги задоволиме сите ваши потреби, барања, желби. Решени сме на нашите деца, на учениците, на младите, да им овозможиме најдобри услови за нивниот растеж, за воспитување, за школување, за да можат рамо до рамо да се носат со нивните врсници од цела Европа. Решени сме на повозрасните да им обезбедиме мир, сигурност, подобар животен стандард.
Општина Вевчани со сопствени средства изработи основен проект со ревизија на овој парк. Паркот ќе се протега на површина од 940 м² и ќе биде поставена модерна урбана опрема. Со проектот предвидена е изградба и на пристапни рампи за лицата со попреченост, изградба на нова ограда, ново осветлување, поплочување со гранит, со што центарот на Вевчани ќе добие нов, модерен, урбан лик, а вевчанци, уште едно одлично место за одмор и за дружење за сите генерации.
За решавањето на овој проблем ќе се искористат сите постојни локации за паркинзи во Вевчани, а ќе се изградат и нови за да се достигне бројот од 100 паркинг-места. За подобар и побрз пристап до слободните паркинг-места ќе се изработи дигитална мобилна апликација и ќе се постават соодветни знаци кои ќе укажуваат каде и колку слободни паркинг-места има до најблиското ваше одредиште за посета.
Општина Вевчани веќе обезбеди локација за мултифункционалното спортско игралиште. Тоа ќе биде во состав на комплексот со основното училиште и детската градинка. Со изградбата на овој капитален објект ќе се подобрат условите за спортување на отворено, а со тоа ќе се стимулира спортот кај младите.
Преку овој проект, целта ни е да им овозможиме на жителите на Вевчани повторно да ги вратат во функција обработливите земјоделски површини, а воедно да ја намалиме потрошувачката на вода за пиење, бидејќи граѓаните, во недостиг на вода за наводнување, во летниот период, оваа вода ја користат и за наводнување.
Работејќи плански, на ред е и целосно партерно (до)уредување на просторот околу градинката и облагородување на просторот. Со овој проект предвидена е изградба на потпорни ѕидови, ново оградување, уредување на паркот и поставување на нова урбана опрема.