Коле Чаракчиев

Општина Радовиш

Местото каде што сме се родиле, почитувани, е свето место. Во него длабоко се зажилени корените на нашето родословие од кое и ние никнуваме како фиданки, а од нив ја црпеме силата на нашето постоење.  

Градот и Општината Радовиш се огниште на моето детство, на мојата младост, на мојата љубов, но и на мојата мудрост. Денес мора да направиме сѐ за да му ги подариме плодовите на нашето знаење и умеење. Да оставиме трага зад нас со цел нашата сегашност да биде убава иднина за нашите деца, внуци, за нашите идни поколенија.

Токму поради ова, со мојата кандидатура решив да побарам мандат од сите вас мои ценети и сакани роднини, пријатели и драги сограѓани, со цел и како родител и како стручен профил, но, пред сѐ, како пријател на голем број радовишани за да дадеме сѐ од себе и заедно со мојот тим сите ваши сугестии, барања и визии да ги преточиме во програма што ќе значи успех за сите – со една единствена цел Радовиш со сите населени места конечно да стане модерна општина и тоа не само со современа и развиена инфраструктура и општина со интензивен економски развој, туку и урбана средина во која децата, младите и возрасните луѓе ќе можат да почувствуваат дека имаат и вистински плоштад и вистински храмови на културата, паркови, модерни центри за рекреација со трим тартан патеки, скејт парк, шах парк, но и заеднички да работиме на зачувување на животната средина со една широк дијапазон од проекти  – со еден збор сето она што со децении им недостасуваше на градот и на Општината.

Оваа наша заеднички креирана Програма ќе овозможи Радовиш, кој е познат, пред сѐ, по здравата храна и земјоделството, конечно да добие модерно земјоделие, како со сопствени средства од општинскиот буџет, така и со поддршка на Владата на Република Северна Македонија предводена од мојата партија СДСМ, од која досега имаме добиено квалитетна поддршка. Со финансиска поддршка од ФАО – Светска организација за храна и земјоделие, ќе направиме најмодерен и најфункционален систем за наводнување на Радовишко Поле, имплементирајќи најсовремени методи за користење на водата. Во однос на туризмот, ќе вложиме средства од општинскиот буџет, а со поддршка од Владата целосно беше обновен патот Радовиш – планина Плачковица, како и други локални и регионални патишта, со што се овозможува развој на планинскиот и рекреативниот туризам, екотуризам и рурален туризам. Со ова ќе се оствари сонот на голем број наши сограѓани што имаат изградено вили и други објекти, за што имаме и посебна програма. Преку големата финансиска поддршка од ТАВ програмата и со изградбата на локален пат до градскиот водовод ќе овозможиме и туристички развој по горниот тек на Радовишка Река. 

Од друга страна, ваквите големи инфраструктурни зафати ќе овозможат развој и на малите семејни бизниси и на трговијата што се особено значајни за радовишани.

Пет клучни проекти за иднината на Радовиш

Изработка на техничка документација за брана на реката Плаваја како капитален стратегиски, мултифункционален проект со огромно значење за Општината.

Грижа за соодветен развој на децата во предучилишно, основно и средно образование, вклучително и децата со посебни потреби и обезбедување  персонал – наставен кадар, образовни и лични асистенти, како и специфични профили на вработени.

Гасификација на Општина Радовиш – Општина Радовиш ќе се приклучи на предвидениот главен гасовод што ќе минува низ Република Северна Македонија, со изградба на секундарна и терцијарна мрежа, со што ќе се намалат трошоците за греење на домаќинствата и на компаниите. 

Мултифункционален центар на културата -Граѓаните на Радовиш ќе добијат современ објект во кој ќе се реализираат сите програмски содржини од областа на културата и уметноста. Ќе се искористат постојните просторни капацитети со кои располага Општина Радовиш – зградата на Центарот за култура и поранешниот факултет. 

Изградба на затворен градски пазар  – Во Радовиш има традиција за купување земјоделски производи на отворениот пазар што е  лоциран во централното градско подрачје.

Граѓаните бараат изградба на затворен пазар, пред сѐ, заради спречување на влијанието на временските услови врз производите. Изградбата ќе овозможи растоварување на сообраќајот во градот бидејќи новиот објект ќе располага со гаража. Ќе има можност да се отворат угостителски објекти.

Листа на советници за Општина Радовиш

  1. Аница Бораниева Атанасова
  2. Панче Николов
  3. Симона Цветаноски
  4. Енис Омер
  5. Зорка Хритова Трајкова
  6. Дејан Вучковски
  7. Благој Коцев
  8. Валентина Лазарева
  9. Ванчо Стојанов
  10. Маја Ужевска
  11. Јордан Митев
  12. Селман Јусуфов
  13. Николина Стефанова
  14. Емилија Дукоска Илиевски 
  15. Здравко Темов
  16. Невенка Дафев
  17. Пепи Илиев 
  18. Марија Крстева  
  19. Велиов Мануш