Сашо Поцков

Општина Гевгелија

Нашата Гевгелија е посебен град. Богат со култура и традиција, надарен со природни благодати, со исклучително важна географска местоположба и со огромен потенцијал за раст и развој. Гевгелија по многу нешта предничи и претставува пример за другите општини во нашата земја. Гевгелија е наш заеднички дом. И затоа, кога пред четири години ми ја дадовте вашата доверба, ми дадовте најголема чест и одговорност. Да се биде градоначалник на ваков град, да се биде ваш градоначалник, претставува особено задоволство и највисоко достигнување.

Како ваш градоначалник, се трудев секогаш да бидам отворен за вас граѓаните, да бидам во редовна комуникација со вас и да носам одлуки и да работам во ваш интерес и во интерес на општината. Заеднички се соочивме и со здружени сили надминавме тешки и непредвидливи ситуации. И токму овој однос на продлабочени односи, доверба и соработка беа основна инспирација и поттик за мојата повторна кандидатура.

Пред вас е претставена нашата програма за периодот 2021-2025 година. Основна определба при нејзиното создавање беше да дадеме остварлива понуда. Искуството што го стекнавме и реалните согледувања на состојбите, како и познавањата на потребите и волјата на граѓаните ни даваат можност за прецизна оцена за тоа што е можно и што е остварливо. Проектите содржани во оваа програма произлегуваат од потребите и интересите на градот и општината, како и од можностите и капацитетите и ги рефлектираат заложбите за остварување на однапред зацртаната визија во стварност.

Убеден сум, почитувани сограѓани, дека остварувањето на визијата за модерна, зелена и европска Гевгелија продолжува да биде израз на вашата волја и дека е најдоброто за нашиот град и општина и со такво убедување ја очекувам вашата поддршка за нејзина реализација.

Пет клучни проекти за иднината на Гевгелија

Во тек се изведбени работи за изградба на лицата „Св. Климент Охридски“, како продолжение на булеварот „Гевгелија“, со што ќе се создадат услови за пренасочување на товарниот сообраќај од влезот на Гевгелија, покрај станбената населба „Караорман“ и поврзување со „Моински пат“ до излезот на Гевгелија, кај Динќут. 

Со овој проект ќе биде решен деценискиот проблем околу сообраќајниот метеж во центарот на градот, особено на ул. „Петар Мусев“, каде што се наоѓа и ООУ „Крсте Мисирков“ – Гевгелија. Истовремено ќе се обезбеди поголема безбедност на учениците и другите учесници во градскиот сообраќај на овој дел од градот. Во првата фаза од реализација е предвидено пробивање и тампонирање на улицата. а вредноста на проектот изнесува 60.000.000 денари. Рокот на реализација е до крајот на 2023 година.

Доизградба на улицата „Св. Климент Охридски“ - продолжување на Западен булевар

Доизградба на детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија

Согласно со потребите на родителите за згрижување на нивните деца во западниот дел од градот, по одобрениот проект од страна на Министерството за труд и социјална политика, Општина Гевгелија ќе започне со доизградбата на нови простории во рамките на постојната детска градинка „Сончогледи“ во Гевгелија. На површина од 1 000 квадратни метри, со капацитет за згрижување на 100 до 120 деца, со што ќе биде решен долгогодишниот проблем со недостигот на сместувачки капацитет за згрижување на децата во оваа градинка. Вредноста на проектот изнесува 53.000.000 денари, а рокот на реализација е до крајот на 2022 година – почетокот на 2023 година.

Со добиениот грант од KFW-банка, Општина Гевгелија во соработка со ЈПКД „Комуналец“ ќе ги реализира следниве проекти:

– замена на водоводната линија почнувајќи од БП „Шимов“, на влезот на Гевгелија до граничниот премин „Богородица“;

– сепарација на досегашниот постоен мешовит канализациски систем и изградба на нова атмосферска канализациска мрежа во јужниот дел на Гевгелија.

– приклучување на населените места Негорци и Прдејци кон градската водоводна мрежа;

– набавка на дигитални водомери за домаќинствата во Општина Гевгелија.

Вкупната вредност на проектот изнесува 2,5 милиони евра, во тек е потпишувањето на договорот за негова изведба, а реализацијата на проектот ќе биде до средината на 2023 година. Со реализацијата на проектот ќе бидат подобрени комуналните услуги на жителите во населените места  Богородица, Негорци, Прдејци, како и на сите домаќинства – корисници на услугите на Јавното претпријатие за комунална дејност „Комуналец“ – Гевгелија. 

Реализација на грантот од КWF-банка

Набавка на ново противпожарно возило и нова опрема за потребите на Противпожарната единица во Гевгелија

Поради појавата на сезонски пожари што предизвикуваат сериозни, материјални последици во животната средина, се наметнува потребата од осовременување и проширување на техничките капацитети и ресурси на ТППЕ – Гевгелија.  За таа цел, Општина Гевгелија  ќе  набави техничка опрема за навремено, ефективно и ефикасно справување на вработените во ТППЕ – Гевгелија со пожарите на подрачјето на Општина Гевгелија. Вредноста на проектот изнесува 200.000 евра, а рокот на реализација ќе биде до првата половина на 2022 година.

Во поглед на зачувувањето на здрава и чиста, еколошка средина, Општина Гевгелија во соработка со ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија, во наредниот период ќе воведе процес на селекција и рециклажа на отпад. Со тоа ќе се намали количеството на одложениот отпад, ќе исчезнат дивите депонии во градот и ќе се спречи загадувањето на животната средина. За таа цел, до крајот на годината ќе биде затворена Старата депонија, која ќе прерасне во зелена површина, создавајќи услови за профункционирање на новата времена депонија, каде што ќе биде фрлан само отпад со органско потекло. Другиот дел од отпадот ќе биде опфатен со процесот на рециклирање. Вредноста на проектот изнесува 300.000 евра, а рокот на реализација ќе биде во фази, од почетокот на 2022 до 2024 година.

Селекција и рециклажа на отпад

Листа на советници за Општина Гевгелија

  1. Миле Атанасов 
  2. Билјана Демерџиева
  3. Тодор Ристов 
  4. Софија Тошева – Раманчева 
  5. Виктор Кралев 
  6. Елизабета Сивова, 
  7. Александар Пандовски 
  8. Драгица Дуева Бучкова 
  9. Ангел Јованов 
  10. Елизабета Јаневска 
  11. Димитар Шуклев 
  12. Васка Јанчев 
  13. Ристо Ѓоргиев 
  14. Александра Лазаровска 
  15. Зоран Мурџев 
  16. Филип Чакаров 
  17. Лазар Марков 
  18. Елица Трајкова 
  19. Ристо Ѓуров