Со огромна почит, но и со обврска кон вас и кон идните генерации, ви ја претставувам мојата Изборна програма за кандидат за градоначалник на Општина Дојран.
Нема поголема чест и одговорност од можноста да работиме и со својата работа да му возвраќаме на местото каде што сме пораснати. Домот, односно градот кој ме оформил како личност, огништето кое никогаш не сум го напуштил, само затоа што во него е целиот мој живот. Сите мои соништа, надежи, емоции и спомени од најраната младост се врзани токму за нашиот Дојран.
Горд сум што заедно со вас имаме можност да го унапредуваме Дојран, затоа што Дојран не е наша сопственост, оставен ни е како аманет, наследство од дедовците и нивните татковци, но не е наш, туку позајмен е од нашите деца. Треба да се грижиме за него како за светост, неприкосновена обврска ни е да го издигнеме, да го заштитиме и да го направиме среќен и просперитетен дом и како таков да им го предадеме на идните генерации. А токму нив, пак, нашите поколенија треба да ги научиме да го сакаат, да го чуваат со љубов и, исто како нас, да работат и да се трудат Дојран да биде дом, храм во кој ќе сакаат да остарат и засекогаш да останат.
Со здружени знаења, со сплотени сили, заедно, и понатаму ќе го унапредуваме туризмот, главната стопанска гранка во Дојран. Малите семејни бизниси се особено значајни за нашата општина и, како такви, обврска ни е да се грижиме тие да се унапредуваат, да се развиваат и да раснат. Екологијата, здравата животна средина, заштитата на езерото, грижата за неговата добросостојба и понатаму ќе останат наш врвен приоритет. Затоа што сакаме здрави и среќни генерации кои доаѓаат по нас.
А ние заедно ќе пишуваме и ќе градиме многу успешни приказни, приказни кои нашите следбеници со задоволство ќе ги раскажуваат и понатаму успешно ќе ги дополнуваат и споделуваат. Затоа што, нашата општина Дојран е ризница, нашата општина е приказна без крај.
Во наредниот период ќе спроведеме нови капитални проекти кои ќе го подобрат и ќе го надградат ликот на Стар Дојран како веќепрепознаена туристичка дестинација. Ќе спроведеме активности усогласени со потребите на локалните жители и со потребите на Дојран, и тоа:
Ќе создадеме подобри услови за игра и забава на децата и младите, како и за прошетка и дружење на сите жители во Нов Дојран. Проектот за изградба и уредување на Забавно-рекреативниот центар во Нов Дојран предвидува отстранување на старата училишна зграда и формирање голема површина која ќе биде партерно и хортикултурно уредена. Во рамките на Забавно-рекреативниот центар ќе бидат создадени 4 комплементарни зони: Целокупниот простор во рамките на забавно-рекреативниот центар ќе биде осветлен со канделабри и рефлектори.
Со цел да се подобри квалитетот на животот на сите граѓани во селото Фурка, но и заради обезбедување услови за развој и активно учество на младите лица во заедницата, ќе спроведеме значајни активности за уредување на просторот во селото, реконструкција на постојниот Културен дом и создавање нов јавен простор за младински активности.
Проектот предвидува отстранување на дел од руинираниот Културен дом во селото, реконструкција и реновирање на објектот, заради создавање на:
– Модерна сала за одржување културни настани;
– Младински културен центар за едукативни и забавни активности.
Езерското крајбрежје во Николиќ и неговата околина одамна се познати по убавите плажи кои во минатото биле меѓу најпосетените места во Дојран, а познатиот автокамп „Ачикот“ беше најголемиот автокамп во државата.
Со цел да се развива кампинг-туризмот, да се поттикнуваат инвестиции и да се отвораат нови работни места за жителите на село Николиќ, ќе формираме нова кампинг-зона, со целосно уредена инфраструктура и со многу содржини за подобар престој на туристите.
Ќе продолжиме со активностите за заживување на руралните средини, развој на руралниот туризам и обезбедување на адекватен квалитет на живот во селата. Ќе спроведеме нови активности за подобрување на инфраструктурата и уредување на јавните површини во село Црничани. Жителите на село Црничани ќе добијат мини плоштад со комплетно уреден простор за прошетка и дружење на локалните жители. Проектот предвидува партерно и хортикултурно уредување на просторот околу црквата, поставување на урбана опрема (клупи и корпи за отпадоци) и осветлување на централното подрачје во селото со канделабри и рефлектори.