Драган Анастасов

Општина Пробиштип

Со чувство на длабока почит и обврска кон идните генерации ви ја претставувам мојата кандидатура за уште еден мандат за градоначалник на Општина Пробиштип.

Нашиот Пробиштип е место што кај мене буди силни емоции на спомени од најраната младост, на местото што ме изградило како човек и место што сакам со гордост да им го оставиме на идните генерации. Историјата и вредностите ни ги оставиле повозрасните, но и аманетот сега и денес да ја унапредуваме Општина Пробиштип, да ја издигнуваме на секој можен план за да може во наредниот период и кон нас да гледаат со достојна почит.

Јас, Драган Анастасов, заедно со мојот тим, раководењето на Општина Пробиштип го презедов на крајот на 2017 година врз основа на довербата што ми ја дадовте вие, мои сограѓани, на локалните избори, силно верувајќи во нашата визија што беше преточена во предизборната програма.

Резимирајќи од денешен аспект, а врз основа на сите досегашни проекти, горд сум што и покрај сите предизвици со кои се соочивме во изминатиот период успеавме да  реализираме голем процент од нив, а тоа укажува на фактот дека креираните проекти и политики што вие, драги сограѓани, ги поддржавте биле вистинска одлука.

Овие факти ми дадоа мотив повторно да се кандидирам за градоначалник на Општина Пробиштип и да ја побарам поддршката за мојата визија преточена во програмата за наредниот период од 2021 до 2025 година.

Реализацијата на капиталните клучни проекти во изминатиот период, од инфраструктура, заштита на животната средина, енергетска ефикасност, образование, детска заштита, развој на туризмот, создавање услови за нови инвестиции, ѝ даде нова модерна насока на нашата Општина, а тоа претставува одлична основа за новите проекти што ќе го продолжат развојот на Општината.

Ако можевме ова да го направиме во време на пандемијата на КОВИД-19, во време на година на референдум и година на парламентарни избори, ви гарантирам дека доколку ја добијам вашата поддршка за нов мандат ќе продолжиме да ја градиме и да ја развиваме Општина Пробиштип во согласност со европските стандарди и секојдневно ќе работиме таа да биде сѐ подобро и сѐ поквалитетно место за живеење.

Пет клучни проекти за иднината на Пробиштип

Потребата од санирање на старото јаловиште во Пробиштип е неопходна и од стратегиско значење за заштита и унапредување на животната средина во градот и пошироко, со оглед на фактот дека старото јаловиште во многу студии и истражувања од разни домашни и меѓународни институции е оценето како жешка точка затоа што е извор на емисии што опасно ја загрозуваат животната средина и многу негативно влијаат врз здравјето на населението, благосостојбата на растителниот и на животинскиот свет и на квалитетот на животот воопшто. 

Загадувањето на животната средина со тешки метали како последица од рударските активности, односно експлоатацијата на олово-цинковата руда, е голем проблем поради фактот дека металите се неуништливи и имаат токсично влијание врз организмот. Контаминацијата со тешки метали, како што се оловото, цинкот, среброто, кадмиумот, манганот, никелот, хромот, живата и други, покажува високи концентрации во Пробиштип. Овие тешки метали ги има во почвата, во површинските и во подземните води. Особено голем проблем за градот Пробиштип е појавата на силикатен прав што при ветрови се крева од косината на браната на старото јаловиште. Во вакви ситуации правта заедно со тешките метали доаѓа до самиот град и околината и така претставува голема закана за здравјето на луѓето и за целокупната животна средина со долготрајно и интензивно негативно влијание.

Во Деталниот урбанистички план што го донесовме оформени се градежни парцели за изградба на фотоволтаични електрани за производство на електрична енергија – соларни површински панели. Со незагадувачкиот процес на производство на електрична енергија и со профитабилноста фотоволтаичните електрани – површински соларни панели позитивно ќе се влијае врз економскиот развој на Општината. Фотоелектричната централа ќе произведува електрична енергија директно од сончевото светлинско зрачење. Добиената електрична енергија од фотоволтаичните панели е со еднонасочен напон и ќе се испорачува во електродистрибутивната мрежа.

Санација на јаловишната депонија и изградба на фотонапонска електрана

Уредување на просторот помеѓу улиците „Никола Карев“, „11 Октомври“ и „Јоаким Крчовски“ со паркинг-простор за 70 возила

Просторот меѓу овие три улици, кој им служи како дворно место на станарите од колективните згради за домување, со години наназад е проблем за граѓаните. Во наредниот период овој простор ќе биде поплочен со плочки бекатон, ќе бидат поставени урбана опрема и енергетски ефикасно осветлување и ќе биде изграден јавен паркинг-простор за 70 возила.

Пробиштип – Леговец – Ратавица (реконструкција, канделабри со енергетски ефикасни светилки и изградба на велосипедска и на пешачка патека)

Патниот правец што ги поврзува Пробиштип  и Злетово е клучна спојка помеѓу овие две места. Покрај целосна квалитетна реконструкција на асфалтниот слој, во овој проект е предвидено и целосно осветлување со канделабри што ќе бидат енергетски ефикасни и кои на овој патен правец ќе му дадат една сосема поинаква димензија. Покрај тоа, мислиме и на нашите сограѓани што секојдневно го користат овој правец за спортски и рекреативни активности. Од овие причини во проектот се интегрирани и велосипедска и пешачка патека, односно обележана површина по должината на целиот коловоз, направена според сите стандарди, а со ова се постигнува и задоволително ниво на безбедност и флексибилност во однос на движењето на велосипедистите и пешаците.

Пробиштип - Леговец - Ратавица

Изградба на спортско-рекреативен комплекс во населбата Калниште, м.в. Камењар

Врз веќе постојното игралиште во населбата Камењар ќе биде изградено ново повеќенаменско игралиште што ќе биде простор за игра и забава на децата и младите од оваа населба. Во состав на игралиштето ќе биде уреден и простор со урбана опрема, со што ќе се овозможи место за одмор и релаксација за сите категории граѓани од оваа населба. Модерно и рекреативно катче за сите генерации.

Локалитетот Пешка во Злетово е од особено значење за жителите на Злетово и за целата Општина. Со децении и векови Светиот крст се фрла во водите на Злетовска Река. Предвидена е реконструкција на целиот локалитет со пристапен мост до другата страна на речното корито и изградба на повеќе т.н. летниковци. Пешка е локалитет што во наредниот период ќе биде место каде што граѓаните од Општина Пробиштип ќе имаат простор, покрај природната убавина на Злетовска Река, кој ќе го користат во текот на целата година за релаксација, забава и уживање.

Проширување и реконструкција на локалитетот Пешка во Злетово 2022

Листа на советници за Општина Пробиштип

  1. М-р Оливер Андовски
  2. Симона Јованова
  3. Драган Глигоровски
  4. д-р Јелена Тонев
  5. Борче Миланов
  6. Зорица Горгиевска
  7. Дарко Кузев
  8. Анастасија Трајковска
  9. Милан Стефановски
  10. Сања Кузманова
  11. Мартин Младеновски
  12. Марија Денчевска
  13. Антонио Јосифовски
  14. д-р Елена Накова
  15. Љупче Стојановски