Горан Трајковски

Општина Делчево

Нашето Делчево го заслужува најдоброто и нè обврзува почитувајќи ги традицијата и наследството, но со нова енергија, да го градиме нашето родно место во поубаво место на живеење, каде што ќе се создаваат нови спомени и ќе живеат задоволни и насмеани граѓани. Тоа е мојата визија за градот, каде што сум се родил и живеам и каде што живеат моите деца и родители.

Пред вас стојам гордо и достоинствено и повторно ја барам вашата доверба, за да продолжиме да го градиме нашето Делчево, за да продолжиме напред кон достигнување на сите европски вредности!

Поминавме заедно тежок период обременет и со здравствена криза што немилосрдно удри во сите сфери од живеењето, но и со апокалиптични пожари кои неповратно уништија дел од шумскиот фонд во Пијанец  и се закани за животот и имотот на граѓаните. Но бевме исправени пред предизвикот и не застанавме, се боревме на првата борбена линија, како што не се поколебавме, кога го презедовме кормилото на општината, која беше падната на колена. Решававме децениски проблеми оставани „под тепих“ од моите претходници, реализиравме капитални проекти и немавме двојба и бевме непоколебливи со една цел да создадеме подобар квалитет на животот на делчевци.

Функцијата градоначалник е одговорна, достоинствена и обврзувачка и со оваа функција не треба да се експериментира. Само со сериозен и одговорен пристап, пристап што бара пожртвуваност, моралност и етичност во сѐ што се работи за градот и за граѓаните и граѓанките, може да даде резултати и да се продолжи по патот за создавање на една поуспешна и поубава приказна за Делчево.

Нашата сегашност и нашата иднина, нашата среќа и нашата перспектива зависат само од нас. Ние можеме и мораме да продолжиме со промените и да ги движиме работите кон подобро, ние го имаме нашиот адут во ракавот што го носи: Најдоброто за нашата општина!

Пет клучни проекти за иднината на Делчево

Пуштање во употреба на нова современа пречистителна станица за вода за пиење со што Делчево и населените места с. Ѕвегор, с. Габрово, с. Тработивиште  с. Вирче,с. Град и с. Стамер  ќе добијат квалитетна вода за пиење. Новата филтер-станица ќе има и  фотоволтаична централа и оперативна зграда со лабораторија на локација на денешната пречистителна станица. 

 Реконструкција на дел од водоводна мрежа во населбите дел од Милково Брдо и дел од Ново Делчево, смена на потисен цевковод во населба Трети Реон, Старо Делчево до резервоарот, смена на водоводната мрежа во населба Втори Реон, Старо Делчево– Со реализацијата на овој проект ќе се заменат старите азбестни водоводни цевки со пвц-цевки што ќе донесе подобрување на квалитетот на водата за пиење, а честите дефекти на мрежата ќе бидат минато. Со замената на водоводната инсталација во овие населби ќе се намалат загубите на вода. Вредност на проектот : 18.000.000 ден Рок на реализација 2022 г. 

Инвестиции во чиста вода за пиење

Изработка на проект за водоснабдување на Голак

Трајно решавање на водоснабдувањето на планината Голак е стратегиска определба на Општина Делчево и главна цел за развој на туризмот во општината. Преку изработка на квалитетна техничка документација, Општина Делчево има можност преку проект за водоснабдување и одведување отпадни води да го имплементира и да го стави во функција проектот на 1200 директни корисници на планината Голак.

За водоснабдување на туристичкиот локалитет Голак има неколку можности и треба да бидат искористени постојни каптажи со реконструкција, доопремување на постојните пумпни станици со комплетна автоматика, доградба или реконструкција на постојните резервоари, реконструкција на постојните главни цевководи и да се предвидат оградени заштитни зони за резервоарите, зафатите и каптажите. 

Ќе се изгради нова детска градинка со капацитет за 150 дечиња со што трајно се решава проблемот со листата на дечиња од Делчево кои чекаат да бидат прифатени во детската градинка. Овој проект значи инвестиција во раниот детски развој, прифаќање на сите дечиња во претшколско образование и нивна подготовка за училишните клупи.

Вредност: 48.000.000 ден, средства од МТСП, Рок на изградба 2023 г

Изградба на нова детска градинка во населба Расадник

Реконструкција на локалните патишта до с. Габрово и с. Стамер

Патот Делчево – с. Габрово е во лоша состојба и неопходнa е негова реконструкција  што ќе значи побрза и побезбедна врска на селото Габрово со градот Делчево.

Должината на патот е 2,6 километри, а реконструкцијата подразбира проширување, односно ширина на коловозoт од 5 метри, банкини од 50 см, поставување сообраќајна сигнализација и одводнување со отворени канали и пропусти. Реконструкцијата на оваа делница ќе биде финансирана од ЈПДП. 

Ќе се реконструира и локалниот пат за с. Стамер. Должината е 1,5 километри, а реконструкцијата предвидува проширување, односно ширина на коловозот од 5 метри, банкини од 50 см, поставување сообраќајна сигнализација и одводнување со отворени канали и пропусти.

Изградбата на скејт-паркот во Делчево е приоритет на младите и на рекреативците. Овој скејт–парк е проектиран со површина од 880 ми со сите потребни содржини што ќе дадат посебен акцент за рекреација, тренинг и одржување натпревари од локален и регионален карактер. Основниот проект е готов, финансиската конструкција од 2,8 милиони денари е обезбедена. Градежните работи ќе се реализираат 2022 г.

Во центарот на Делчево, во непосредна близина на Споменикот на паднатите борци во градскиот парк, пред зградата на Спомен-дом АСНОМ, проектирани за изградба се две фонтани кои се надополнуваат по форма и содржина и естетски ќе го надополнат централното градско подрачје. Станува збор за атрактивни фонтани проектирани да бидат во формата бесконечност и одраз на модерно и современо. Со ова идејно решение, се внесува живост, динамика, естетика и го облагородува околниот простор, а со тоа ја реобликува и новата градска слика и го привлекува вниманието на минувачите и посетителите.

Изградба на скејт-парк и две фонтани во централното градско подрачје

Листа на советници за Општина Делчево

  1. Гоце Попов
  2. Јасмина Ќурчиска
  3. Марио Скакарски
  4. Сунчица Ѓорѓиева
  5. Кирил Тренчевски
  6. Бојана Гоцевска
  7. Зекир Абдулов
  8. Дејан Георгиевски
  9. Јулија Крстевска
  10. Јована Петровска
  11. Илче Каранфиловски
  12. Маја Алексова
  13. Стивен Мицевски
  14. Марија Симова
  15. Горан Димитровски